Инспирација на работното место

Инспирација на работното место

Инспирацијата и мотивацијата се две неразделно поврзани, магични енергии кои нѝ даваат порив, желба и возбуда при помислата дека придонесуваме и напредуваме воопшто во животот, а секако и во работата. Оваа енергија најчесто цвета кога организациската култура е насочена кон вработените и клиентите и кога работната околина е хармонична и естетски креирана за да ја подржува истата.

Но, што се случува кога условите кои овие екстерни фактори од кои ние очекуваме дека ќе ја обезбедат подлогата за зголемување на инспирацијата и мотивацијата, а со тоа и на продуктивноста, не се исполнети? Клучот е во очекувањата и во краткорочноста на резултатите од нивното исполнување.

Мотивацијата и инспирацијата, ако се сеќавате на текстовите кои претходно сме ги пишувале, како и сите интерни вредности, се единствено трајни и долгорочни кога доаѓаат однатре. Ова се должи на фактот дека истите спаѓаат во категоријата на именки (вредности) по кои ние сме вечно во потрага, како што се: среќа, радост, исполнување, мир, успех, задоволство итн без оглед во кој контекст и аспект од животот сакаме да ги чувствуваме и имаме.

Овде ќе се задржиме на бизнис контекстот и на тоа како можеме да се инспирираме од колегите, околината, работата или локацијата, но секако истото можете да го примените и адаптирате во сите животни области.

Веќе спомнавме дека работната околина има сериозно влијание на инспирацијата. Всушност сите аспекти на организациската култура влијаат подеднакво. Сепак, во периметарот на нашите одговорности, а понекогаш и надвор од нив ако одлучиме да го зголемиме нашето влијание во компанијата, ние можеме да креираме околина која нѐ подржува и поттикнува, доколку дозволиме да го промениме нашиот ментален склоп и да се насочиме кон успех. Тоа би значело дека ние самите ја преземаме одговорноста за задоволување на личните потреби поврзани во овој случај со работата. Со тоа ние влијаеме и на целокупниот квалитет на нашиот живот.

Pаботната околина има сериозно влијание на инспирацијата.

Ќе наведеме неколку клучни нешта кои можат да ве подржат да бидете инспирирани и мотивирани на работа.

  • Што сакам јас? Зошто тоа го сакам?


Секој од нас има различен концепт за тоа што сака од животот, која работа сака да ја работи, за успех, за напредување. Добро е да ги истражите и преиспитате вашите пориви и причини зошто се наоѓате таму каде што сте во моментот. Поставувајте си го прашањето „Зошто?“ често. Зошто го работам ова? Зошто ми е ова важно? И колку ми е важно? Што сакам да постигнам? Што сѐ е возможно? Зошто придонесувам или не? Овие и други прашања ќе ви дадат одговори за тоа дали сте на вистинското место и ако ДА ќе ве насочат во правец на промена и напредување.

Доколку повеќето одговори се однесуваат на материјална добит и пари, не очекувајте премногу од себе и од другите.

  • Анализирајте ја ситуацијата.


Запишете ги факторите кои ве подржуваат, но и оние кои ја убиваат вашата инспирација. Тоа можат да бидат колеги, недостаток на креативен простор, рутински активности или прекумерни обвсрки. Размислете и консултирајте се како да се справите со секој од тие фактори.

  • Компаниски в.с. Лични вредности

Размислете за своите Зошто и за своите вредности, а потоа погледнете дали тие се поклопуваат со компаниските вредности. Изедначете ги. Со тоа ќе добиете вечна мотивација и инспирација на работното место, а и со клиентите.

  • Искористете го конструктивно секој миг


Доколку патувате долго до и од работа, искористете го времето поминато во патување на корисен начин. Слушајте некоја аудио книга, читајте книги или инспиративни цитати, визуелизирајте го својот успешен ден или своите цели. Афирмирајте позитивни мисли, правете си интроспекција и рефлексија, размислувајте за тоа како да го подобрите вашиот живот, или едноставно бидете сами со себе, бидејќи тоа е можеби и најважното време во животот.

Во тие мигови, обидете се да си дозволите да се опуштите и да, на крајот на краиштата, вежбате да бидете празни, без мисли, без чувства. Долгорочно тоа ќе ви донесе огромен бенефит, од кои еден е постојана инспирација и мноштво идеи.

  • Разубавете го вашето работно место


Тука поминувате голем дел од времето, па затоа тоа треба да биде место каде што ќе ви биде пријатно да престојувате. Направете го да ви биде дом или барем простор каде ќе сакате да поминувате одредено време. Вметнете детали кои ќе ја подржуваат вашата фантазија и добро расположение. Работното место личи на вас, без оглед што е обезбедено од вашиот работодавец. Тоа ја зрачи вашата енергија и ќе ве одразува вас. Затоа, тоа нека биде магично место.

  • Контролирајте го вашиот ум

Сфатете дека контролата над сѐ што е ваше ја имате вие, вклучувајќи го и вашиот ум. Тоа значи дека доколку дозволите да се опседнувате со негативни мисли за колегите, околината, работата, ќе завршите неславно. Насочете си го умот кон решенија и алтернативи секој пат кога ќе забележите дека се вртите во негативен мисловен сиклус. Форсирајте и вежбајте решавање на ситуациите, а не гледање во неуспех.

  • Поставете си долгорочни цели

Гледајте на моменталните околности и тековните работни обврски како на искуство кое ќе ве одведе таму каде што сте зацртале да бидете и ќе ви помогне да ги остварите своите цели. Вашите цели мора да ви бидат секогаш пред очите што ќе ви обезбеди полесно да минете низ ситуации кои ви се стресни, работни обврски кои не сакате да ги извршувате или да престојувате во средина која не ви се допаѓа.

  • Фокус

Не се замарајте со небитни нешта и детали кои ќе ви го одземаат вниманието од она што е клучно и важно. Кога нешто се случува, прашајте се дали и колку е ова важно? Дали има влијание врз мене, работата, моите цели и колку?
Најчесто поголемиот процент од она што нѝ се случува е дистракција. Фокусирајте се на она што е навистина важно и на подобрување и унапредување.

  • Грижете се за себе

Научете да дишете длабоко, медитирајте, вежбајте, спијте доволно, јадете квалитетно итн. Водете балансиран живот. Направете план, одете на пауза и на одмор. Сето ова ќе ви помогне полесно да се справите со било што што ви создава стрес и да се чувствувате полесно.

  • Успех

Успешните луѓе ги подржуваат другите да бидат успешни. Успешните луѓе се секогаш во служба на другите. Набљудувајте ги луѓето со кои работите и обидете се да разберете што ним им е потребно за успех и мотивација. Прашајте се од каков придонес можете да бидете за нив и создадете атмосфера на подршка и афирмација. Охрабрете ги, поттикнете ги и мотивирајте ги. Давајте позитивен фитбек. Помогнете им да ја разберат моќта на заедништвото. Помогнете им да се развиваат, а нивниот успех ќе ве инспирира вас да бидете уште подобри и попродуктивни.

Доколку со некои колеги тоа е невозможно, фокусирајте се на оние кои сакаат да работат, напредуваат и да успеат. Создадете за себе и за нив околина која е подржувачка и во која сите ќе напредуваат.

  • Споделувајте знаење

Бидете несебични во пренесување на знаењето кое го имате. Колегите, посебно оние кои се зад вас со искуство, години или работа ќе го ценат тоа. Споделувањето на знаењето и менторството ќе ве инспирираат и вие повеќе да научите и да се усовршувате.

  • Mindset и личен развој

Работете на себе постојано. Секојдневно. Во смисла да станете подобра личност, со силни вредности, интегритет и личен авторитет. Посветете се на тоа да секогаш давате максимум и најдобро од себеси. На тој начин ќе стекнете способости полесно и побрзо да ги менаџирате ситуациите и луѓето околу вас.

  • Славете го успехот

Одбележете го секој ваш успех како најголем и прославете го со колегите. Дајте до знаење дека е тоа заеднички успех, не само личен, без оглед дали вие сте го постигнале сами или не.

  • Широката слика

Не ја заборавајте, НИКОГАШ. Кои сте, кои се вашите вредности, цели, каде сакате да бидете, кои се вашите способности и ресурси, кој е вашиот идентитет, вашата мисија и визија. И што е најважно, како сето тоа да го употребите за да им биде бенефит и на другите луѓе, да оставите нешто зад вас, да направите влијание.
Или, што би се рекло, широката слика е поврзана со прашањето:

По што би сакале да бидете запаметени?

Дури и во најмалите нешта (работата) ние креираме впечаток и резултати.

На нас е да одлучиме на кој начин ќе ги креираме и ќе инспирираме.