Интегритет – особина на лидери

Интегритет – особина на лидери

Интегритет е состојба која опфаќа многу теми, мајндсет, дејства, карактерни особини. Една од најважните особини кои еден лидер треба да ги поседува, се смета за суштинска вредност (core value) и е многу повеќе од способност да се направи она што е правилно. Всушност тој претставува изградба на карактер кој може да ја преживее секоја криза. Живот со интегритет секогаш ќе се издигне над сите бури и предизвици. Успехот во бизнисот и задоволството од животот како клучна состојка ја имаат довербата, а довербата стартува со интегритет.

И како што вели C.S. Lewis: „Постојано правете го она што е правилно, дури и кога никој не ве гледа – особено кога никој не ве гледа.“

Во некои лексикони интегритетот се дефинира како:

  • Почитување на морални и етички принципи; стабилен, морален карактер, искреност.
  • Состојба на целина, потполност или ненарушеност (не е намален)
  • Стабилна, неоштетена или состојба на совршеност.

Веројатно ова звучи потполно нестварно и бајковито, па како би се однесувала личност со интегритет? Во денешно време сѐ потешко се наоѓаат примери кои би можеле да ги посочиме. Понекогаш се добива впечаток дека нема доволно од оние кои тврдат дека е подобро да изгубите отколку да останете без интегритет или што би рекле старите – без образ.

Ова повторно важи и за професионалните и личните односи. Интегритетот не е парцијален или го имате или го немате. Тој се одразува во секое ваше однесување. И не секогаш е лесно да се делува на тој начин. Всушност, најчесто знае да биде тешко. Што значи дека градењето и одржувањето на интегритет е голема работа.

Градење интегритет

На почетокот, секогаш е добро да се опкружите со луѓе кои можат да ви дадат искрен и релевантен фидбек во врска со вашето однесување и довербата која ја одразувате кон другите. А потоа, создадете круг на луѓе кои ќе бидат ваши верно советници и на кои ќе можете да се потпрете кога е интегритетот во прашање и кои ќе ви дадат поинакви мислења за тоа како нешто може да се направи.

Како се гради интегритет?

  • Бидете сурово искрени со себе.
    Од сите лаги кои ги кажуваме, најсмртоносни се оние кои си ги кажуваме самите на себе. Истражете ги вашите мотиви. Престанете да се правдате за нештата за кои знаете дека се погрешни. Без изговори, без оправдувања!
  • Побарајте мудри совети.
    Сите ние имаме слепи точки. Без оглед колку сме искрени со себе, понекогаш едноставно не ги гледаме „возилата во ретровизорот“. Пронајдете 3-4 личности кои веруваат во вас и побарајте фидбек.
  • Одлучете да бидете исправни, а не да им удоволувате на луѓето.
    И тоа никогаш не е популарно. Тоа, исто така, не значи дека сте секогаш во право или сите други грешат, туку дека имате желба долгорочно, квалитетно да живеете. Тоа значи да поднесете моментална болка во корист на долгорочна добивка. На тој начин избегнувате да станете арогантни, залудени и ќе останете понизни.
  • Бидете транспарентни.
    Сите сакаме да бидеме нешто што не сме. Признајте си ги своите недостатоци. Нема потреба сите да знаат за тоа, но со некого би било добро да разговарате. Дајте сѐ од себе да бидете искрени со другите. Колку и да се плашите дека тие ќе мислат лошо за вас или ќе ве оговараат или ќе ве омаловажуваат, сепак, живејте транспарентно и не се правете нешто што не сте. На тој начин вие се развивате и трансформирате, а со време луѓето ќе ве почитуваат заради вашата внатрешна сила и искреност.
  • Ставете се себеси на прво место.
    Ова се однесува на личниот развој, а и на сѐ друго. Знам дека според нашите стандарди звучи себично, но ајде да размислиме. Колку долго можете да живеете ако не сте здрави или без воздух? Дали можете да работите ако немате вештини? Што ќе дадете ако ништо немате? Секој од нас мора да направи солидна база – духовно, емоционално, ментално, материјално, ресурсно… Затоа одредете што е за вас корисно и дајте си време и простор за себе. Трчајте, медитирајте, хранете се здраво, одете во театар, што и да одберете…
Преземете одговорност за своите постапки.

Професионален интегритет

Како логичен след, оттука произлегуваат и однесувања кои се важни и во професионалниот живот, а на кои е потребно да обрнете внимание. Еве некои насоки:

  • Дефинирајте ги своите вредности
    Размислете во што вие верувате. Што е важно за вас и зошто? Воспоставете го вашиот вредносен систем, кој по ниедна цена нема да го компромитирате.
  • Избегнувајте „бели“ лаги.

На прв поглед тие изгледаат безопасно, но лага е лага. Секогаш кажете ја вистината.

  • Научете одговорност.

Преземете одговорност за своите постапки. Доколку згрешите, а секој греши, преземете одговорност и постапете правилно.

  • Исполнувајте ги ветувањата кон секого
    Доколку сте прекршиле некое ветување, извинете се и не дозволувајте тоа да стане образец на однесување или навика.
  • Исполнувајте си ги обврските

Обврските и рутината ја одржуваат дисциплината и влијаат на вас професионално и приватно.

На пример: останете фокусирани на вашите приоритети, вложувајте континуиран труд и работа на она што ви е важно, почитувајте го туѓото и своето време, останете подолго на работа доколку тоа навистина е потребно…

  • Пред да се обврзете…
    Размислете реално и рационално дали навистина можете 100% да одговорите на барањата.
  • Научете да кажете НЕ

Освен ако сакате брзо да полудите и да се најдете во ситуација секогаш да живеете за некој друг, а не за себе.

  • Набљудувајте ги своите реакции

Искористете ја интроспекцијата како начин за стекнување самосвест, постигнување резултати и усовршување. И секако, користете ја за да можете да заклучите дали другите луѓе се однесуваат со интегритет.

  • Развивајте ги своите комуникациски вештини

„Три пати мери, еднаш сечи.“ е поговорката која потполно одговара во овој контекст. Проверете, планирајте, бидете јасни, кратки и концизни, побарајте помош. Секоја нејасна комуникација води до недоразбирања и нереални очекувања. Бидете асертивни.

  • Избегнувајте луѓе кои немаат интегритет

Во секоја смисла и во секој аспект од животот, вклучувајќи ја и работата.

  • Развивајте вештини и навики кои можат да придонесат кон вашиот интегритет

Можеби ќе треба да се откажете од одредени однесувања (импулсивни реакции, гласно зборување или одговори со украсни машнички или целофани). Можеби треба да поработите на некои особини како на пример храброст, брзина, едноставност, целисходност. Секако е важно да внимаваме на зборовите кои ги користиме, бидејќи тие имаат голема моќ и влијание.

  • Дали станувам подобра личност?

Ова е прашање кое во секој момент треба да си го поставувате за да чекирате дали сте на правиот пат или не? Доколку имате сомневања околу одговорот, вратете се на почеток и проверете од каде доаѓа тој сомнеж и корегирајте се.

И уште нешто. Храброста и интегритетот секогаш одат заедно. Тие се градат со време, чекор по чекор и се сума на безброј мали постапки кои сме ги направиле во минатото. А иднината ќе покаже што сме направиле вчера, денес и утре. Секогаш имате избор дали ќе делувате од позиција на страв или љубов (храброст, интегритет). Имате избор да реагирате и да лутате или свесно да преземете акција и одговорност и самите да го трасирате патот кој за вас е вистински.

Тоа не значи дека стравот ќе исчезне, туку дека сте го надминале и сте се изградиле како личност достојна за успех, среќа и исполнетост, а со тоа достојна за доверба и почит. Повторно, бирајте мудро.