Како до работата од вашите соништа?

Како до работата од вашите соништа?

Возможно е сѐ што можете да замислите J

Во минатиот број зборувавме како да се справите со вашата моментална работа и таа, каква и да е, да ви претставува задоволство, но сега со една мала напомена. Доколку не го сакате вашето моментално занимање и не чувствувате страст во врска со него, туку напротив, порано или подоцна ќе се најдете во ситуација која ќе налага да го промените. Вообичаено, ќе бидете доведни во такви околности и ќе имате внатрешен порив за нешто поголемо, за што сте навистина создадени и што ќе го работите со целото ваше срце. Едноставно нема да сакате повеќе да се задоволувате со ништо помалку од најдоброто за вас.

Тоа е точката од која вашиот живот тргнува кон исклучителност, а вие ќе започнете да се движите кон вашиот полн потенцијал и кон успех. Важно е само да не го игнорирате ова чувство и желбата да направите нешто повеќе во животот, да оставите зад себе траен печат и да имате позитивно влијание на околината и пошироко.

Секако, за ова се потребни неколку чекори…

  1. Застанете

Одвојте доволно време за себе и престојувајте во тишина. Тишината ги има сите решенија и најдобрите можни исходи. Употребете вежби на длабоко дишење за да постигнете состојба на мир и за да го исклучите умот. Потоа, афирмирајте дека вие заслужувате да бидете среќни и исполнети и дека си дозволувате да имате сѐ што ви припаѓа и да живеете во среќа, напредок и изобилство.

Уживајте во таа состојба, сѐ додека не се ослободите од сѐ што ви причинува тензија. Тоа ќе се види по вашето тело, кое ќе влезе во состојба на длабока релаксација.

Секогаш кога ви се потребни животни одговори, применувајте го овој чекор. 

  • Прашајте

Поставете си го прашањето: „Што сакам да работам?“, „Кое е идеалното занимање за мене?“, „Што е тоа што ми причинува радост и уживање?“, „За што сум создаден да бидам?“, „Како можам да придонесам за општата човечка благосостојба?“

Потсетете се што сте сакале да бидете кога ќе пораснете, кога сте најсреќни, за што сте талентирани, каде најмногу се изразува вашата креативност… Одговорите се тука некаде.

Не обрнувајте внимание на „Како ќе го направам тоа?“, туку на „Што сакам јас?“

  • Фокус на решение

Во меѓувреме, додека ги пронаоѓате идеалните занимања за себе, веројатно ќе се појават разни дилеми, прашања, стравови, сомнежи. ИГНОРИРАЈТЕ ГИ! Сите тие се само игра на вашиот ум и на вашето его. Вашата среќа е најважната работа на светот и во тоа нема ништо себично, а луѓето кои навистина ве сакаат безрезервно ќе ве подржат во вашите намери на патот до успехот. Доколку не е така, прашајте се „што прават тие тука?“. Вашиот фокус е ваш најголем подржувач. Држете го насочен кон позитивните исходи.

  • Поставете си цели

За почеток целите не мора да бидат реални, но пожелно е да бидат само ваши. Дозволете и на вашата фантазија да се разигра и да направи бајка во која вие ќе бидете главниот јунак. Бајката запишувајте ја. Имајте тетратка само за вашите цели/бајки. Како и во претходниот текст, раскажете ја бајката на најубав можен начин, со сите детали, звуци и чувства. Направете ја да биде совршена. Еднаш во неделата ревидирајте ја, дополнете ја, секогаш почнувајќи да ја раскажувате од почеток… Нормално, создавајте и нови бајки, тоа е секогаш добрдојдено J

  • Ангажирајте коуч…

Коуч е личност која ви асистира и ве подржува на патот до вашата извонредност, а во исто време ве смета за одговорни за сопствениот живот и акциите кои ги преземате…

Во следниот број: Коучингот како алатка за постигнување на успех.