Професионалниот коуч има неколку основни способности и вештини, како што се:
- Слушање, набљудување и прецизно следење на потребите и целите на поединецот, што значи дека секоја сесија на коучинг е единствено искуство за двете вклучени страни.
- Поставување на јасни и соодветни прашања со цел да го охрабри поединецот на неговиот пат кон себеоткривањето.
- Побудување на емотивни, психички и духовни состојби кај поединецот со цел да ги доведе на површината на свеста.
- Давање и примање на фидбек.
- Нагласување дека поединецот е одговорен за сопствените постапки и резултати.
Коучингот претставува моќна врска помеѓу коучот и клиентот која се темели врз искреност, вистина и меѓусебна доверба, која е полна со анализирање и размислување, преиспитување на ставовите и однесувањата во безбедна и сигурна средина, и која му овозможува на клиентот да ги формулира своите сопствени идеи и решенија.
Уште една многу важна карактеристика на коучингот (поради која и се вели дека е насочен кон пронаоѓање на решенија) е тоа дека коучингот не се занимава со конкретни проблеми или со „поправање“ на поединецот. Справувањето со проблеми или работата на развивање на нови вештини може да се појави во текот на процесот, се разбира. Главната цел на коучингот е доаѓањето до успех, промена и создавањето на предизвик кај поединецот или кај тимот, при што се поддржуваат неговите предности, се култивира неговата извонредност и се гради култура на високи перформанси со нов начин на размислување, чувствување и однесување/комуницирање, што му овозможува на поединецот или на тимот да се издигне над сопствените проблеми, лесно да изнајде решенија, да го насочи и правилно да го искористи знаењето во клучното поле на работа и да добие повеќе увид за самиот себе - за сопствените способности и сопствениот потенцијал.
Коучот не советува, не подучува, не нуди одговори и не е тесно врзан за контекстот, што значи дека на коучот не му се потребни детални информации околу работата која ја работи клиентот. Ова значи дека коучот може да работи со која и да било област и професија, секаде каде што е потребно да се подобрат перформансите, да се подигне нивото на свесноста или на личниот и професионален развој, често во многу краток временски интервал.