Невро-линвистичкото програмирање – НЛП (Neuro Linguistic Programming) е комуникациски модел кој се базира на субјективното проучување на јазикот, комуникацијата, личниот раст и развој. Тоа претставува систем на ставови, вештини и техники кои формираат метод на разбирање на начинот на којшто размислуваме, комуницираме и ги процесираме емоциите.
НЛП има цел да нè научи да го разбереме нашиот внатрешен живот, нашите внатрешни стратегии и механизми, претстави, мотивации, нагони, емоции, ограничувачки фактори, примањето и обработката на информации и нивното влијание врз нашето однесување и врз другите луѓе. НЛП одговара на прашањето: „Како функционираат работите“?
НЛП ги отвора вратите кон достигнувањето на извонредноста и ја обликува со дефинирање на внатрешни стратегии, комуникациски обрасци, ставови и конкретни начини на размислување и ја отвора можноста и други луѓе да го направат истото лесно и без напор.
„Невро“ се однесува на мозокот и на нервниот систем, како се примаат и обработуваат информациите. Ние го восприемаме светот околу нас преку нашите сетила. Се служиме со нашите очи за да гледаме (сетило за вид), а исто така го восприемаме светот преку слушање (сетило за слух), вкусување (сетило за вкус), мирисање (сетило за мирис), допирање и чувствување – телесно и емотивно (кинестетичко). Дразбите т.е. информациите од надворешната средина кои ги примаме преку овие сетила потоа се обработуваат од страна на нервниот систем. На тој начин сами ја создаваме нашата сопствена „мапа на светот“ т.е. сопствената перцепција на реалноста.