РЕИКИ – Прва средба со Небесното Ки-1 дел

РЕИКИ – Прва средба со Небесното Ки-1 дел

За многу луѓе, првиот впечаток за Реики е поврзана со можноста да се одржи и поврати физичкото здравје, но ова е само врв на ледениот брег во контекст на примената на Реики и користа која од него ја имаме.

Реики методата е една од наједноставните енергетски методи, чија што моќ, од друга страна, не може да биде занемарена.

Овде ќе ги разгледаме аспектите на оваа метода кои можете да ги вклучите во вашиот секојдневен живот, доколку ја научите техниката на користење на Реики енергијата или доколку некој друг изведува Реики сесија со вас.

  1. Техника на регенерација и ревитализација:
    Реики техниката на Микао Усуи се изведува со полагање на рацете на телото на клиентот. Реики – Универзалната животна витална енергија се спроведува преку рацете на практикантот и се применува во работа на себе или работа на други.
  2. Личен развој:
    Давањето и примањето на Реики го стимулира процесот на само-реализација, го продлабочува прифаќањето на самите себе и ја зголемува свесноста за нашата вистинска природа. Работата на себе е основа на Усуи системот.
  3. Духовна пракса:

Упорноста во практикувањето на Реики методата може да доведе до будење на свесноста на практикантот. Како последица од тоа, стануваме свесни за важноста и вредноста на сите аспекти на нашиот живот. Секојдневната пракса води до развивање на дисциплина која понатаму многу лесно се одржува поради сознанието дека со ова се продлабочува нашата конекција со себе, со другите и со нашата душа.

  • Мистичен ред:

Оние кои се вклучени во Усуи системот и го практикуваат, стануваат дел од група или заедница на луѓе кои ги спојува заедничкото искуство, а не заедничките верување, убедувања и ставови кон животот. Практикувањето на Реики методата бара од нас да го преиспитаме нашиот избор помеѓу потребата да знаеме и да контролираме и волноста да се предадеме на непознатото. Оваа пракса нѝ ги отвора капацитетите свесно да се нурнеме во искуствата на чудата и мистериите. Вклучувањето на мистеријата во нашиот секојдневен живот придонесува пропорционално да се зголеми нашата способност за промена.

  • Штимање (Attunement):
    Процес кој се пренесува од еден Реики учител на друг, се изведува на учениците кои ја учат техниката, а резултира со зголемен капацитет за спроведување на енергија за себе и за другите.
  • Симболи:
    Симболите во Усуи системот се енергетски клучеви за пристап кон различни нивоа на нашата личност. Симболите поседуваат своја свесност, а со тоа и одредена моќ, но, преку врската создадена со штимањето, инструкциите кои им ги даваме и употребата учениците ја осознаваат и добиваат нивната вредност.
  • Традиција на усно пренесување на знаењето:

Оваа традиција претставува енергетски трансфер и учење преку директен контакт на ученикот со Реики учителот. Енергетскиот трансфер се одвива преку учење во форма на третмани, усогласување/штимање, пренесување на принципите, запознавање со историјата, одговарање на прашања и присуството на учителот на часовите. Учителот ја пренесува суштината и интегритетот на системот на ученикот.

  • Историја:
    Историјата нѝ кажува за потеклото на Усуи системот на Реики методата и неговото негување до денешниот ден. Оваа приказна дава информации за клучните настани и личности кои го носат редот на Реики методата. Нѝ ја открива митологијата, метафоричните учења за ситуациите со кои секојдневно се среќаваме практикувајќи ја Реики методата. Таа се споделува при учењето на Реики методата и е дел од оралната традиција.
  • Реики принципи:
    Петте духовни принципи на Д-р. Усуи се предадени како дел од оралната традиција. Тие претставуваат духовни учења и морален водич низ секојдневието.
    Само денес не се грижи.
    Само денес, не се лути.
    Почитувај ги своите родители, учители и постарите.
    Чесно заработувај за живот.
    Покажи благодарност кон секое живо битие.
  • Реики сесија:
    Форма на третирање, на себе и на други, која се одвива преку полагање на рацете врз телото во одредена секвенца и на одредени позиции. Тоа е основа за практикување на методата. Преку сесиите се откриваме себеси, се здобиваме со самодоверба и ги откриваме многу мистерии на животот.

Продолжува….