Women Empowerment

Жената е цел круг. Во неа се наоѓа моќта да креира, негува и да трансформира.

-Дијан Мариенчајлд

Она што е сигурно е дека моментално живееме во многу интересно, динамично и моќно време. Вакви времиња изискуваат голема свесност, постојан развој, внатрешна сила и длабоко чувство за животната цел и смисла. Би рекла, ова особено важи за жените.

Човештвото помина долг пат на страдање, болка и деструкција, која сеуште се случува околу нас. Насекаде. Само заради дисбалансите кои луѓето ги креираа на оваа Планета. Колективното и личното свесно (и несвесно) е полно со трауматични искуства кои сите ние ги носиме. Тие искуства ги „возат“ нашите животи, правејќи хаос од нив. Ние тоа не го забележуваме. Гледајќи нанадвор, едноставно не успеваме да дојдеме до огледалото. Распарчени и однатре и однадвор, не се одзиваме на повиците на нашето срце и душа. Времето за будење е тука! Премногу долго, премногу му е одземено на човечкиот род и на Земјата за да повторно им биде вратено од истите оние од кои и е земено на прво место.

Животот мора да тече, а ние мора да го живееме со љубов. Љубовта би значела да ја прифатиме сопствената моќ, да ги објавиме нашите права и да го заземеме местото кое нѝ припаѓа. Да се научиме на љубов е процес. Посебно за нас жените, бидејќи потиснувањето трае многу долго. Многу од нас заборавија кои се навистина, какви таленти имаат, што природно им доаѓа; ги измешавме улогите и идентитетите. Мораме да се вратиме на основите. Да побараме помош. Да се запознаеме себеси. Да започнеме со зацелување на нашето битие на било каков начин – да научиме како. Да се потсетиме на музиката на нашето срце. А потоа да ја земеме моќта во свои раце и да ги споделиме со светот подароците на љубов, сочуство и милост.

За да подржиме, мотивираме и инспирираме, креираме програми за сите жени кои се храбри да направат огромни чекори напред во животот, во свесноста и во бизнисот, зошто не. Веруваме дека секое човечко битие, секоја жена вреди и заслужува да го живее животот со чувство на вредност, почит и достоинство, да има потполна контрола врз сопствениот живот, да прави свои избори и донесува свои одлуки, да живее во сигурна и удобна средина… Жените се еднакво компетентни, интелегентни и талентирани па овие основни права природно ќе се рефлектираат и на социјално, образовно, економско и национално ниво.

Еден пример на програма за подршка на жените е „Жени во бизнисот – Финансии и совети за жени претприемачи“ развиена од ЕБОР, спроведена во 15 земји, во рамките на која спроведуваме обуки за вештини и компетенции со колегите од ЦЕФЕ Македонија.

http://www.ebrd.com/women-in-business/finance-and-advice-for-women-in-business.html

Друг пример е програмата Women`s talks креирана со Štěpánka Petrželová Hojdová и спроведена во Чешка. Оваа програма ќе биде применета и во Србија. За повеќе информации можете да ја погледнете страницата:

http://www.womens-talks.com/en/pruvodce/

Јас верувам дека ќе бидат развиени уште многу вакви и слични програми.

Ве повикувам да бидете отворени за промени и да направите свесни чекори кон една нова иднина за вас, за идните генерации, за сите нас. Кажете нѝ како можеме да ве подржиме на вашето патување. Можеме да патувам е заедно.