Влијанието на потсвеста во секојдневниот живот на човекот

Влијанието на потсвеста во секојдневниот живот на човекот

ШТО Е ПОТСВЕСТ?

Потсвеста е до ден денес интригантна тема која ја буди љубопитноста и дава инспирација на голем број луѓе за да го прават она кон кое се насочени. Таа е дел од секоја индивидуа и е сѐ уште “невидлива” за неа, или со други зборови, таа е неосвестената енигма кај човекот, која е будна и активна 95% од денот. Секој поединец има своја потсвест која го содржи и најминорниот детаљ од неговиот живот. Тука се кријат сите видени работи од еден пар очи, сите зборови кои предизвикале некакво чувство, сите звуци, мириси, информации, идеи, копнежи. Доживеаните настани, потсвеста ги акумулира кај себе во вид на слики и видеа и може да се каже дека таа е клучниот елемент кој ја гради личноста, неговата комплексност и уникатност. Во секојдневието се манифестира во облик на стравови, желби, приврзаности и навики. Потсвеста луцидно излегува на површина додека една индивидуа сонува и преку оваа фаза на активност може да се извлечат информации за индивидуата кои ќе помогнат во обелоденување на одредени тегоби, трауми, причини за начини на однесување и друго (кое ќе се обработи во наредните поглавја).

ЗИГМУНД ФРОЈД ЗА ПОТСВЕСТА

Фројд, австрискиот невролог и психоаналитичар, е заслужен за осветлување и посветување поголемо внимание, значајно за развитокот на психологијата, на темата за човековата потсвест. Тој го споредува умот со аналогијата на огромна санта мраз, од која над површината на водата е видлив само врвот, кој го претставува свесниот ум, каде се наоѓаат сите ментални процеси за кои личноста е свесна. Одма под површината на водата, т.е. под свесниот ум, се наоѓаат сите емоции, мисли кои не се освестени, но можат лесно да го достигнат тој стадиум. Во најневидливиот дел од сантата мраз ја гледаме потсвеста, која не е толку лесно пристапна за секој човек и која со сите свои елементи влијае врз секојдневниот начин на однесување. Фројд стои зад ставот дека потсвеста е фундаменталниот извор на човековото однесување или споредено со сантата мраз, делот кој не може лесно да се согледа и види.

Потсвеста, Фројд ја објаснува како стара просторија во која се чуваат кутии од различни аспекти на личноста: инстинкти, нагони, желби и мемории, кои се надвор од дофат на индивидуата и со кои таа не толку лесно може да се идентификува.

Според едно негово откритие, луѓето потешко дозволуваат целосно да осознаат одредени настани и последиците кои тие ги доживеале, тврди дека во потсвеста се зачувуваат сите потиснати информации, а личноста подоцна низ животот несвесно користи одбранбени механизми со кои ќе го спречи пристапот до тие потиснати информаци, воедно го спречува освестувањето на сопствената потсвест.

ВЛИЈАНИЕТО НА ПОТСВЕСТА ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ НА ЧОВЕКОТ

Спомнато е дека потсвеста игра главна улога во дефинирањето на индивидуата, нејзините однесувања, реакции кон настани и опкружувања, предизвикани од минати искуства. Сето она што е зачувано во потсвеста, на прикриен начин се забележува и во секојдневието на личноста. Се манифестира со одбранбени механизми, како што е бесот, анксиозноста, лупење на кожата околу ноктите, прекумерено јадење, константното извинување, тагата, грижата на совест, избегнување ситуации кои потсетуваат на одредено искуство, недозволувајќи присетување на настанот кој предизвикал непријатност или пак несоочување со истиот, што доведува до целосно препуштање кон таквите емоции, автоматски успорувајќи го личниот ментален и духовен развој.

Што тоа всушност значи? За да се долови и разбере сето ова, може да се постави еден пример. Млад човек постојано кога доаѓа во ситуација да ги искаже своите интереси пред група луѓе или конкретен поединец, може да се случи во сред искажување свесно да подзастане, да ја изгуби мислата, да не е сигурен од каде да продолжи и да се повлече. Тука има неколку работи кои може да се анализираат за да се дојде до коренот на траумата, односно настанот кој ѝ предизвикал непријатно чувство на личноста некогаш во минатото, за тој сега да се манифестира на ваков начин. Првичен впечаток остава тоа што младиот човек се искажува пред повеќе поединци или пред една одредена личност. Според ова може да се претпостави дека создадената траума потекнува од некој настан кој вклучувал неколку личности или повторно, една одредена личност која оставила “печат” кај младиот човек со начинот на кој што го искажала нештото.

Спекулативно: младиот човек на мала возраст имал проблеми со правилно изразување и бил исмејуван од страна на своите родители или пак постари браќа и сестри, што довело до повлекување во себе и задржување на мислите за себе. Тука може да го разбереме свесното запирање сред реченица и повлекување, т.е. несигурност и страв од повторно исмејување.

Човекот кој го искусува ова, најверојатно и не е свесен за овој инцидент од минатото и не може да си даде објаснување за тоа што му се случува. Ако не може да го разбере ова, да се присети на меморијата, тогаш има голема веројатност да се развијат нови комплекси и чувства на незнаење.

Одговори на многу прашања посветени токму на оваа страна од човекот, се кријат во вечната, мистериозна потсвест, која секако е пожелно, дури и неопходно да се осознае. Посегнувајќи по овие одговори се доаѓа до чистење на трауматски искуства, прифаќање и простување себе си, осознавање на начинот на кој што биле примени одредени ситуации и настани, кои се случиле надвор од сопствена контрола и спречување на нивно репризирање.

ОСОЗНАВАЊЕ НА СОПСТВЕНАТА ПОТСВЕСТ

Моментот на појава на љубопитност за тоа зошто една индивидуа е таква каква што е, го зацврстува почетокот на радикално-длабока промена. Личноста треба да има мотивација, желба, екстремна работа и љубов за да успее во остварувањето на своите цели. Навидум изгледа како едноставна обврска која треба да се заврши, но како што индивидуата започнува да го движи патот на себеспознавање и исцелување, учи многу запоставени елементи од себе, чиј процес на прифаќање не секој би можел да го издржи. Самиот стремеж на една индивидуа да се открие себе си, овозможува допир до еден нов свет, до темните длабочини на битието, со цел да се осети грандиозна промена и однадвор.

МЕТОДИ ЗА ОСОЗНАВАЊЕ И РЕПРОГРАМИРАЊЕ НА СОПСТВЕНАТА  ПОТСВЕСТ

Секоја личност има сопствена и уникатна траса по која се движи низ животот, која може да се вкрсти со патишта на други поединци во разни ситуации, но никогаш патиштата не можат да бидат идентични. Согледувајќи го тоа, секој човек има избор кој метод ќе го искористи во своето патување за себеспознавањето. Како што е секој човек различен и свој – така не постои универзален метод за таа цел.

Познато е дека соновите се метафорична рефлексија на потсвеста и тогаш, кога личноста сонува, може да извлече корисни информации за себе. Со редовно запишување во тефтер или на обично парче хартија, секое утро, се овозможува меморирање, поврзување и анализирање на соновите, со што се дознаваат работите кои треба да се исцелат кај индивидуата. Следниот чекор е свесна комуникација со потсвеста и нејзино репрограмирање. Ова се постигнува со концизни афирмации, т.е. точно избрани зборови, бидејќи потсвеста буквално ги манифестира сите сопствени искази и мисли.

Да се стави фокусот на позитивното размислување и избегнување негации, бидејќи не е способна да ги процесира негативните зборови. На пример ако посакуваното нешто е индивидуата да доживее внатрешен мир, исказот нема да гласи: “Сакам да постигнам внатрешен мир”, при што се потенцира дека индивидуата очигледно го нема тоа, па затоа и го бара. Поконкретен исказ, кој потсвеста би го примила, би гласел “Се лишам од сето она што не годи на моето тело, ум и дух и сум отворен/а кон позитивни енергии”. Свесното размислување и афирмирање треба да се применува постојано и да се следат постепените промени кои доаѓаат со тоа.

Со визуелизацијата исто така се постигнуваат одлични резултати за оваа цел. Ако се земат исказите од претходниот пример и се преточат во ментални слики и видеа, се доаѓа еден чекор поблиску до остварување на посакуваното. Ова  не значи дека треба само пасивно да се чека додека нештото се оствари, напротив – да се преземат дополнителни акции кои ќе доведат до приближување кон целта, а со самата визуелизација се поставува една добра основа за тоа. Медитацијата има повеќе бенeфиции, а особено е ефективен начин да се набљудуваат мислите од страна и да се сфати дека не сите мисли се навистина размислувања на една индивидуа. Со овој метод се зголемува фокусот и релаксацијата, со што може полесно да се изврши процесот на визуелизирање на одредена, посакувана цел.

Сите овие методи овозможуваат едноставно еманципација од сето она што битието не е. Ни овозможуваат враќање кон првобитната виртуозна состојба на битието, без никакви дополнителни “етикети” од општеството; прифаќање и простување на себе и можност за промена кон подобро.

Потсвеста игра голема улога во животот на личноста, на еден феноменален начин. Со нејзино осознавање се постигнува подлабоко ниво на себезапознавње, преку кое индивидуата го достигнува стадиумот на господарување сама со себе и е во потполна контрола и баланс. Ова е голем предизвик за кој индивидуата треба да е свесна, спремна и да е способна за арбитражно поставување кон разгледување и прифаќање на сопствената потсвест, а подоцна и нејзино репрограмирање, па затоа и не секој е спремен на вакво нешто во неговиот живот. Со почетокот на промената и осознавањето, без сомнеж постојано се излегува од комфор зони, што може да е прилично непријатно, а сепак резултатот е повеќе од задоволителен.

Постојано патување со многу дестинации кои го нудат богатството на искусување и дознавање на најдлабоките делови од бесконечниот океан…океан кој се крие во секој од нас. Запливајте во себе!

Голема благодарност до Лина Пашанку за текстот и поддршката.