Коучингот како алатка за постигнување на успех (Erikson coaching – Solution focused coaching)-3 дел

Коучингот како алатка за постигнување на успех (Erikson coaching – Solution focused coaching)-3 дел

Живејте ја својата извонредност (дел 3)

  • Акционен план

Акционите чекори се нешто што ја „спушта“ вашата цел, од 10.000 метри височина, на Земјата. Бидејќи ако не пресемете нешто конкретно, ништо колосално нема да се случи. Вашата цел или ќе остане неостварена или ќе се оствари на начин кој нема да биде адекватен и да ви одговара. На целта мора да се работи.

Акционите чекори носат конкретни мерки и практични активности кои ќе ве понесат низ процесот на остварување на истата. Па прашањето би било „Кои се првите 3 активности кои можам да ги направам уште денес, односно во наредната недела?“ Мали, ситни чекори, за кои сте сигурни дека се во ваша моќ. За нив, вашиот коуч, ќе ве смета за одговорни и на следната сесија ќе ве „испраша“ што од нив сте оствариле.

  • Одредување на вредност

Овој чекор се однесува на одредување на вредност на сесијата и нејзината содржина за вас. Всушност, во оваа фаза, вие се стекнувате со увид за тоа како ви помогнала оваа сесија, што сте пронашле во нејзината содржина како корисно за вас и што е најважно, која е длабоката, суштинска вредност за вас, која ќе ве мотивира и повлече напред кон вашата цел. Можеби ќе сфатите дека „А-ха па јас ова можам да го направам“ или „Се промени мојата перспектива кон нештата“ или „Сега гледам работи кои не сум ги видел порано“ и тн.

Можеби ќе се здобиете со чувство на поголема самодоверба, сигурност, способност, сила. Можните опции кои би значеле вредност се многубројни, како и можностите и изборите кои се отвораат пред вас кога сте веќе навлезени во коучинг процесот.

  • Славење на успехот

Се вели дека за секоја мала работа која успешно ќе ја завршиме треба да се наградиме себеси. Јас би додала, љубовта кон себе и грижата за себе и сопствениот живот во секој момент би требало да бидат наградени. Наградата може да е симболична или навистина вредна. Како и да е, важно е да си дозволиме да го прославиме и да му дадеме важност и на најмалиот успех, без оглед колку безначаен нѝ се чини. Особено е влијателно ова да го направиме кога се работи за нашите цели, кои го прават нашиот живот да има смисла и нѝ даваат чувство дека учествуваме во нешто големо, дека можеме да оствариме влијание и да оставиме нешто зад нас, за другите луѓе, на глобално ниво. Сѐ што правиме е важно, ние самите сме важни, такви какви што сме. Затоа, радувајте се на вашите успеси, завршени акции, продуктивни коучинг сесии. Тоа еден ден ќе ве донесе на место кога ќе бидете апсолутно задоволни од себе и од сопствениот живот. Радувајте си се себеси што сте тргнале по патот на извонредноста и што тоа го правите за себе.

На крајот ви остануваат 7 дена да ги завршите акционите чекори кои сте ги договориле со вашиот коуч, да видите дека сѐ е возможно, само треба да се осмелите и да дојдете на следната коучинг сесија. Верувајте ми, долгорочно ќе ви се исплати J