Модерниот живот, стресот и здравјето

Модерниот живот, стресот и здравјето

Еден од најчесто употребуваните зборови на денешницата веројатно е зборот стрес или изразот „на нервна база“ кој сѐ почесто се дава како објаснување за разни состојби на нарушено здравје во сеопфатната смисла. Не верувам дека нашите предци знаеле дека стресот воопшто постои, ниту пак се чувствувале стресно. Веројатно тоа се должи на нивниот начин на живот, во кој длабоко биле втиснати мирот, прифаќањето, вербата, надежта и љубовта, но и работата која им причинувала задоволство и ги одржувала здрави, силни и долговечни.

Модерниот живот е далеку од оваа нивна фолософија, исполнет со многу, далечно спротивни вредности, динамика која е водена од пориви кои само ја нарушуваат хармонијата и балансот на човечкото бити како единка. Уште повеќе, го уништуваат чувството на заедништво, единство, сочуство, грижа за другите. И во еден момент се наоѓаме во општества или групи каде секој е сам за себе и каде љубовта и грижата за себе и за другите жално бледее…

И тука настапува стресот, кој во мали дози е познат како амбиција, мотивација и позитивна желба за успех и може да ве поттикне да дадете сѐ од себе за да постигнете повеќе во животот. Но, кога овие особини се претерани и не се подржани од вистинските човечки вредности, доаѓа до создавање на огромен притисок и живот на работ, при што цената ја плаќаат нашето тело, умот, емоциите и духот, а секако и нашата околина.

Стресот е всушност нормална физичка реакција на настани кои за нас претставуваат опасност или нѐ вознемируваат на некој начин и го нарушуваат нашиот баланс, без оглед дали опасноста е реална или замислена. Во тие моменти, останува вклучен само нашиот емоционален мозок (амигдала) и тоа во состојба на опасност, одбранбениот систем реагира што е автоматски процес, а ние добиваме стресна реакција (“fight-or-flight-or-freeze” реакција).

Стресната реакција е всушност начин на телото да нѐ заштити. Кога правилно функционира ние сме фокусирани, полни со енергија и со отворени сетила. Во потенцијално опасни ситуации, може да нѝ го спаси животот со тоа што нѝ дава поголема сила да се одбраниме или да реагираме правилно (се разбира несвесно). Исто така нѝ овозможува да се справиме со предизвиците во животот, ја изострува концентрацијата, је поттикнува амбизијата, нѐ подржува во остварувањето на нашите цели.

Од енергетска гледна точка, сѐ додека имаме доволно енергија во нашето енергетско тело, што се обезбедува со континуирана работа на сите нивоа – физичко, ментално, емоционално и духовно, стресот не нѝ претставува опасност и неговите последици не ги чувствуваме. Но, доколку во нашиот живот континуирано се случуваат ситуации кои нѐ ставаат под тензија и нѝ го нарушуваат балансот (период најмалку 6 месеци), енергијата која ја имаме ќе започне да се исцрпува, а целиот наш систем почнува да ги чувствува ефектите од стресот. Тој престанува да нѝ биде движечка сила, станува наш непријател и започнува да влијае на нашето здравје, расположение, продуктивност, односите со луѓето и на квалитетот на животот.

Разбирањето на механизмите на стресот нѐ ставаат во предност со тоа што нѐ прават посвесни и почувствителни за сопственото ниво на стрес и кога и на кој начин да превземеме проактивни акции со цел намалување на ефектите од стресот. Зголемената свесност ни помага исто така да обезбедиме поголема грижа за своето семејство, пријателите и колегите. На почетокот, ќе разгледаме некои општи назнаки за стресот и нешта за кои не сме свесни кога е стресот во прашање.

  1. На вашето тело не му прави разлика дали се работи за голем или за мал стрес.
    Човечкото тело нема способност да разликува дали се работи за голем или за мал стрес. Без оглед на значењето кое ѝ го придаваме на поединечна стресна ситуација, стресот предизвикува предвидлива телесна реакција. Типична реакција на стрес, која повеќето од нас ја доживуваат секојдневно многу пати, започнува со ланец од 1.400 биохемиски реакции во нашето тело, кои доколку останат непроверени и нерешени, доведуваат до прерано стареење, нашите когнитивни функции стануваат намалени, нашата енергија се троши и нѝ се одзема ефикасноста и јасноста.
  2. Стресот може да направи умните луѓе да прават глупави нешта.
    Стресот предизвикува таканаречена „мозочна инхибиција“. Овој феномен објаснува зошто умните луѓе прават глупави нешта. Едноставно, стресот инхибира мали делови од нашиот мозок и не можеме да функционираме во наш полн потенцијал. Кога сме во состојба на кохерентност (состојба кога нашиот ум е остар, кога сме емоционално стабилни и чувствуваме и размислуваме со зголемена јасност) мозокот, срцето и нервниот систем делуваат во хармонија. Оваа состојба на кохерентност ги подржува нашите когнитивни функции. Всушност, кога функционираме во полн потенцијал, тоа го правиме на сите нивоа – ментално, емоционално и физички.
  3. Луѓето можат да бидат несвесни за стресот.
    Иако телото физиолошки го доживува стресот, може да се случи ние ментално да не го регистрираме бидејќи сме се навикнале на него. Некои луѓе толку се прилагодени на дневните притисоци, вознемирувања и грижи кои ги носи животот, што за нив таа состојба станува нормална. Исто така, треба да се знае дека малиот стрес се акумулира прилично брзо и најчесто ние немаме разбирање за тоа колку тие влијаат на нашата ментална и емоционална јасност и на нашто здравје, сѐ додека не се изрази како лоша одлука, прекумерна реакција или несакана медицинска дијагноза.
  4. Ние можеме да ја контролираме нашата реакција на стрес.
    Ние не мораме да бидеме жртви на на нашите емоции, мисли и ставови. Можеме да ја контролираме нашата реакција на стресот и да станеме посвесни за стресните ситуации и како тие влијаат на нас, пред да се манифестираат на физичко, ментално и емоционално ниво. Постојат едноставни, научно потврдени решенија кои можат да помогнат во оснажување и менување на одговорот на стресот.
  5. Најдобрата стратегија е да се справите со стресот во моментот кога се случува.

Поголемиот број на луѓето се под стрес секој ден цел ден и чекаат да појдат на јога, медитација или во теретана за да се ослободат од него. За жал, кога го одложуваме воспоставувањето на внатрешниот баланс, нашето тело веќе го активира стресниот одговор и при тоа страда нашето здравје.

Многу од научните истражувања на денешницата покажуваат дека емоциите го менуваат ритамот на срцето. Позитивните емоции создаваат хармонични срцеви отчукувања, кои имаат правилен распоред и приближно исти амплитуди, додека негативните емоции создаваат хаотични, вознемирени отчукувања, што може да се види на пр. на ЕКГ монитор. Хармоничниот срцев ритам ги подржува повисоките мозочни функции, создаваат чувство на стабилност и сигурност, додека негативните емоции ја оневозможуваат личноста да размислува јасно и даваат чувство на несигурност и страв.

Во следните броеви: Како да реагираме во стресна ситуација? Како да се ослободиме од последиците од изложеност на стрес?