Потрагата по среќа

Потрагата по среќа

Се чини дека потрагата по среќа е голема работа за нас луѓето. Таа е наш природен инстинкт. На еден ист начин ние сме желни да искусиме физичко задоволство, да избегнеме болка, да доживееме емоционално задоволство или да бидеме среќни. Нашето емоционално задоволство е дел од нашата човечка природа.

Во исто време среќата и емоционалната добросостојба се и многу важни за човековото постоење. Таа претставува вечен, длабок мотиватор кој води кон личен развој, но само кога се задоволено основните, базични, егзистенцијални потреби. Кога една личност се чувствува удобно во односн на својот физички опстанок и веќе не се води од стравот од гладување или губењето дом, емоционалното задоволство станува примарно. Среќата е невидливиот мотиватор кој стои зад сите наши одлуки.

Но, и покрај сите наши добронамерни напори, ние успеваме да направиме емоционален хаос и да бидеме несреќни во поголемиот дел од времето. Како тоа нѝ успева? Како нѝ успева да ги помешаме задоволството и болката? И тука повторно се враќаме на вечната тема, на изворот на сите наши „проблеми“, на нашиот ум. Слоевите на ментални ставови и уверувања кои ги имаме во животов нѐ спречуваат да уживаме и ја прават нашата потрага по среќа комплицирана.

Што всушност правиме? Купуваме облека која веруваме дека ќе направи да изгледаме поубаво, а со тоа (можеби) и ќе се чувствуваме и посреќни. Купуваме автомобил за кој веруваме дека ќе одразува некаков статус или имиџ, а не примарно затоа што нѝ е потребен и врши работа. А со тоа повторно (можеби) и ќе се чувствуваме и посреќни. Избираме партнери за кои веруваме дека ќе задоволат некои критериуми кои немаат многу врска со нас, и се надеваме дека (можеби) и ќе се чувствуваме и посреќни.

Ние во нешто веруваме и секој пат кога носиме некаква одлука несвесно (или свесно) тежнееме да ги задоволиме тие верувања. Сите имаме различни верувања и ги задоволуваме на различни начини, а со тоа едноставно се трудиме да бидеме емоционално смирени и среќни, само поради тоа што сме го смириле умот и сме ги задоволиле рационалните критериуми за среќа. Во исто време овие критериуми се и една огромна бариера помеѓу нас и нашата среќа. Бидејќи, критериумите можеби ќе се променат, среќата можеби ќе исчезне со откривањето на реалната слика, материјалното ќе се потроши, оштети или исчезне. И што потоа? Ние веќе не сме среќни. И потоа пак одново.

Сето ова нѝ се случува бидејќи верувањата и критериумите кои ги поставуваме врз основа на овие бариери се базирани врз чувството на страв и потребата да се избегнат последиците од замислените сценарија кои ние ги создаваме плашејќи се за сѐ нешто. Со задоволување на нашите стравови, ние само компензираме со уште повеќе облека, подобар автомобил, нови партнери, промена на работата. Но, тоа нема да ја намали болката, нема да го уништи стравот, ниту пак ќе нѐ задоволи. И сигурно нема да не направи среќни за цел живот, освен што ќе ни троши ресурси – пари, време, енергија…

Како можеме да ги препознаеме сите тие верувања, стравови, претпоставки и перцепции кои се кријат зад итрата игра на нашиот ум? Само размислете колку пати во текот на денот кажувате: „Само уште ова и…“, „Кога ќе го имам/направам/исполнам ова, јас ќе бидам среќен.“, „Ќе се чувствувам многу подобро кога…“, „Тоај/таа ме прави среќен.“ А ако ве праша некој зошто тоа го правите, сакате или купувате, нема да имате одговор. Овие однесувања се должат на тоа што ние сакаме инстант задоволство кое нашите физички сетила нѝ го даваат. Но тоа е краткорочно. И доколку тоа ви се допаѓа, сосема е во ред.

Долгорочната среќа е резултат на постигнување на трајно емоционално задоволство кое извира од внатрешноста на вашето битие, за што е потребно да се ослободиме од филтерите на нашиот ум и нашето его. Во спротивно, константно ќе бидеме несреќни и ќе се соочиваме со погрешни кариерни избори, скршени партнерски односи, кризи на идентитетот (во кои спаѓа и кризата на средните години) коишто само ќе покажуваат дека си ја бараме среќата на погрешен начин и врз основа на погрешни критериуми, кои немаат никаква врска со тоа што ние навистина сакаме и што навистина нѝ прави среќни.

И тоа не е сѐ. Замислете дека не можете да ги исполните критериумите кои сте си ги поставиле. Не можете да ослабите, да отидете на одмор, на купите автомобил, да си најдете партнер, да си најдете работа. Тоа уште повеќе создава причини да бидете несреќни, бидејќи создаваме уште повеќе критериуми за тоа. Си креираме причини за да не бидеме среќни.

Уште повеќе, креираме критериуми кои не се под наша контрола, не зависат од нас, и се врзуваме за нив. На пример, можеме да дадеме сѐ од себе во еден однос, но не можеме да натераме со сила некој да нѐ сака. Или, можеме да бидеме најдобри на интервјуто за работа, но не можеме да влијаеме на одлуката да бидеме примени. Но, правејќи ги надворешните околности важни за нас, ние им ја даваме целата контрола врз нашиот живот, а нашиот ум ги користи како оправдување за нашата несреќа, иако немаме никакво влијание врз нив.

Сакајќи да се чувствуваме подобро и посреќно, создаваме внатрешна „борба“ да бидеме препознаени, почитувани и сакани. Но, ова е почетокот на нашиот емоционален крај. Нашиот систем на вредности мора да биде променет и да стане вистински наш за да не зависи од надворешните влијанија кои ги има безброј и ги чувствуваме секојдневно. А потоа да можеме да допреме до вистинската и длабока среќа. А таа доаѓа само и исклучиво од нашето срце или од задоволување на нашата душа.

За  да креираме и живееме автентична среќа постои само еден единствен чекор. Да научиме да изразуваме љубов во секоја ситуација. Изразувањето љубов креира интерно чувство на среќа и радост кои истовремено го обземаат нашиот ум и нашите емоции.

Сигурна сум дека може да се направи една долга листа на нешта кои ве прават навистина среќни.

Тука може да влезе некоја значајна професија, времето поминато со семејството и пријателите, помагање на други луѓе, градинарство, слушање музика, танцување итн.

Но, она што ве прави среќни во врска со оваа листа не е самата активност, тука љубовта кон тоа што го правите. Вие сакате тоа да го правите, ја изразувате вашата љубов и со тоа ги правите и другите луѓе среќни. Кога луѓето изразуваат љубов – тие се среќни.

Имајте на ум дека не постои нешто на светов кое може да ве направи среќен. Среќата е постојано тука и доаѓа од изразувањето на нашите емоции, особено на чистите, безусловни емоции како што се љубовта и радоста. Бидејќи емоциите не се видливи, ние не ги забележуваме и не сме свесни од каде тие доаѓаат. Вистината е дека ние ги креираме. Заедно со чувството на среќа како резултат.

Можеме оваа статија да ја продолжиме до бескрај, но заклучокот секако ќе биде следниот: ние самите го креираме нашиот живот и нашата среќа. Тоа се постигнува само преку свест за себе, за тоа што нѐ прави вистински среќни и преку промена на критериумите за среќа. На тој начин, природно доаѓаме во состојба да изразуваме љубов, бидејќи ќе се занимаваме само со нешта кои се позитивни и корисни за нас. Со тоа ќе ја пренесеме оваа вибрација и на околината, па нашиот живот ќе се промени на многу чудесни начини.

Чувствувајте се слободни да изразувате љубов и само љубов ќе ви биде возвратена <3