Муабети за личен развој

Елена Антоновска & Огнен Јанески

Предговор

Оваа книга е приказна инспирирана од вас, за вас. Поттикната од праксата на Елена и искуството на Огнен, преточено во корисни бесконечни муабети, чиј дел е пренесен во заедничките емисии направени во периодот од ноември 2014-та до ноември 2016-та година. Полни 2 години дружење со ТВ 24 и емисијата „За животот“, преку 30-тина емисии преточени во пишан збор. За да остане. 😊 И тоа, ова е само вториот дел. Бидејќи ви е посветена вам, на сите луѓе, сакавме и на сите да им е достапна. Не само на оние кои добро се снаоѓаат со интернетот, бидејќи емисиите ги имате онлајн, туку и на оние кои се љубители на „олд скул“ хартиена варијанта.

Ни требаше бајаги време да ја срочиме во текст и да ја реализираме, но веројатно сега ѝ дојде времето. Зашто, сѐ се случува во вистинското време. Можеби и ние требаше да созрееме за книжевно дело или едноставно за нешто друго и ново и во нашите животи. Задоволство е да го споделиме со вас ова првенче.

Бидејќи емисиите секогаш ни беа, корисни, конструктивни и забавни, идејата дојде од желбата да го споделиме со вас нашето животно искуство, размислувањата, знаењето и хуморот, а со тоа да ве поттикнеме на размислување „За животот“ и како подобро, полесно, посреќно или поуспешно да го живеете. Содржината опфаќа животни теми кои веруваме за секој ќе бидат интересни, обработени од практичен, филозофски, езотериски аспект на многу лесно разбирлив и флуиден начин, а сепак суштински длабоки и значајни.

Изборот на формата – транскрипти на емисии – е сосема невообичаен, но со намера. Прво, за да ја доловиме атмосферата на емисијата, а потоа да ја потенцираме нашата и сечија различност како доблест, а не како недостаток. Различноста секогаш носела промени, напредок и ширење на светогледот, а тоа беше и нашиот мотив за реализација на оваа книга. Да ви ја доближиме можноста дека секој од нас може да живее според својата различност, онака како што заслужува и природно му припаѓа.

Веруваме дека ќе ве инспирираме и мотивираме на размислување, а во идеален случај на промена и акција кон нешто повеќе и подобро. Би сакале да бидеме дел од вашите животи на начин кој е многу поинтимен од било што друго, а со тоа да ве охрабриме оваа книга да ви биде секогаш при рака, и во добри и во не толку добри моменти и времиња. Сигурно во неа ќе ја почувствувате енергијата, љубовта, радоста и подршката која ние ви ја упатуваме преку нашите зборови и нивните вибрации. Затоа, и во пишаната форма, во голема мера го задржавме јазикот, изразите, хуморот, смеењето за да барем малку можете да нѐ почувствувате и да добиете претстава за тоа колку весело, а во исто време посветено ги ткаевме овие разговори за вас. За нас тоа беше посебно време, кога потполно бевме обземени со темите и со желбата да ви донесеме повеќе светлина во сите сегменти на вашиот живот.

Не е за потценување моќта на засаденото семе, без оглед кога тоа ќе изникне. Како што некој кај нас го засадил и ја открил светлината, се надеваме дека оваа книга ќе го направи тоа за вас. Се надеваме дека ќе посади само добро и свето, ќе ве осветли и успокои барем малку во овие бурни времиња. Исто така, ќе ве потсети на вистинските нешта, вредности и приоритети или барем на она што го барате, а веќе го имате во себе.

И уште нешто… Баланс и хармонија се големи зборови и често користени, сепак значат многу и вреди да се работи во тој правец. Секој има своја борба, планина или пат, нека оваа книга во секој момент биде со вас за да ве задржи на тој пат, кој можеби не е едноставен, но е бесценет. Длабоко во себе знаеме дека е возможно да се постигне златна средина помеѓу духовниот и материјалниот живот. Впрочем, ние и живееме на Земјата со таа цел за да се потсетиме и покажеме дека ние сме мостот од виножито помеѓу овие две реалности. Како и самовилскиот град, ни на небо, ни на земја.

Со оваа мисла и со благодарност кон сите вас, кон нашите предци, учители, сите живи битија и целата креација ќе го завршиме овој предговор.

Нека оваа книга ви донесе светлина, радост и моќ да станете она што отсекогаш сте сакале и да живеете живот каков што заслужувате. А ние со нетрпение ќе ве очекуваме на некоја нова, повисока фреквенција.

“Град градила самовила.

Ни на небо – ни на земи,

туку така под облака.

Туку така под облака.

Ни на небо – ни на земи,

град, градила самовила.”

(Јордан Хаџи Константинов – Џинот)