Самодоверба

Самодоверба

„Кога еднаш ќе поверувате во себе, на површината ќе се појават љубопитноста, вчудоневидувањето, спонтаноста и сите искуства кои го откриваат човечкиот дух.“

Е.Е. Камингс (E. Cummings)

Самодовербата е термин со широко значење, каде може да се каже дека некој едноставно верува во себе, или верува во своите способности, квалитети и расудувања, односно верува дека успешно може да се носи со секојдневните предизвици и барања.

Уште повеќе, може да се поврзе со едно стабилно верување за личната вредност, дали и колку јас вредам. Не во пари, се разбира 😊 Вклучително, подразбира и самопочит – лично верување дека јас заслужувам љубов, среќа и успех. Таа е базирана на минатите искуства и е ориентирана кон идните настани и перформанси на индивидуата.

Од каде доаѓа самодовербата и дали таа е природна за секого? Какво влијание има на нашиот живот?

Иако има тенденција да биде трајна и стабилна, тоа секако не се случува преку ноќ, ниту пак кај секого е во иста мерка и на исто ниво. Неколку компоненти претставуваат основа на самодовербата:

  1. Таа е суштинска човечка потреба која е значајна за опстанокот и нормалниот, здрав развој на човекот
  2. Природно доаѓа однатре и зависи од уверувањата и свеста на индивидуата, а се манифестира преку мислите, однесувањата, чувствата и акциите.
  3. Таа е основен човечки мотиватор. На луѓето им е потребна поддршка од надвор (од релевантната околина) и самопочит однатре.

Таа игра голема улога во растот, напредокот и само-реализацијата на индивидуата, при што овие потреби мора да бидат задоволени доколку индивидуата сака тоа да го постигне. На пример, во теоријата на Маслов, „Хиерархија на потребите“ се тврди дека пред да бидат исполнети покомплексните потреби на индивидуата, мора да бидат задоволени неговите основни потреби за стабилност, сигурност, љубов и припаѓање, на пониските нивоа на пирамидата. Во неа, самодовербата зазема високо второ место, веднаш по само-реализацијата. Чисто за илустрација:

Ретко се случува, но сепак се појавуваат такви примери, на луѓе кои се реализирани и имаат висока самодоверба, а немаат дом или живеат на опасни места или немаат партнер и тн.

Истовремено, е клучна во физичкиот опстанок, кога е загрозен животот на индивидуата, и зависи од социјалната прифатеност или отфрленост на индивидуата.

Важност на самодовербата

“Верувајте си себеси. Секое срце вибрира со своја, единствена вибрација.“ – Ралф Валдо Емерсон (Ralph Waldo Emerson)

Како резултат од безброј истражувања на оваа тема во областа на психологијата, високата самодоверба значи подобро здравје, подобар социјален живот, заштита од ментални нарушувања и социјални проблеми, здраво справување со животот и ментална добросостојба. Луѓето со висока самодоверба се посреќни, имаат поголемо ниво на задоволство од работата која ја работата и повеќе шанси да преживеат тешки здравствени предизвици. Тие се поуспешни генерално во животот.

Што имаат заедничко луѓето со висока самодоверба:

  • Поголемо чувство за лична вредност
  • Поголемо уживање во животот
  • Ослободени се од сомнеж
  • Поседуваат храброст и внатрешен мир, чувствуваат помалку стрес
  • Повеќе енергија и мотивација
  • Социјалната интеракција им е пријатна.

Во социјална смисла, доколку вие се чувствувате смирени, опуштени и ок сте со себеси, и другите околу вас така ќе се чувствуваат. Уште повеќе, доколку вие си верувате и другите ќе ви веруваат.

Сето ова не значи дека животот ќе престане да се случува и ќе бидете ослободени од животните предизвици, кои секој од нас ги има. За некого тоа е лавот, а за некого инкасаторот или некој грип. Едноставно значи зголемување на способноста да се справиме со предизвиците, без тие да предизвикаат и остават последици по нас и нашата околина.

Секако дека екстремното практикување на самодовербата, како и на сѐ друго, може да доведе до негативни последици, како на пример нарцисоидност и нереални очекувања. Овде нема да се задржиме на тоа, но добро е да се има предвид.

Практикување на храброст и градење самодоверба

Стравот е тука да нѐ заштити од физичка опасност и е инстинкт кој спречува да бидеме изедени од лавот. 😊 Како и да е, лавот одамна не е тука, а ние сме изградиле безброј начини да се заштитиме, стравот се реориентира кон модерните стресори, кои ги поттикнуваат минатите (древни) емоции на срам, болка или страв. Овие искуства оперираат во позадината на нашата психа и ги окупираат нашиот ум и меморијата.

Нашата комфорна зона нѐ заштитува од сите нови искуства со тоа што сме вдлабочени во нашата рутина, а со тоа сме несвесни за можноста да растеме и да се развиваме, да учиме нови вештини и да се здобиеме со нови, силни страни на нашата личност. Колку повеќе се штитиме од нови искуства, грешки и предизвици, толку помалку се развиваме и сѐ повеќе сме исплашени. Кога правиме некаков исчекор, дури и без доверба во нашите способности, храброста стапува на сила. Неизвесноста ја развива нашата храброст, а таа ја подржува нашата самодоверба. Храброста бара поголема внатрешна сила, но затоа личноста која ја практикува има бесконечни можности за напредок и успех.

Да ми бидеме благодарни на стравот и да го прифатиме, да го разбереме неговото потекло и да го искористиме како насока кон нештата со кои треба да се справиме и да ги разрешиме. Тој е моќна алатка за расчистување на нашиот ментален отпад. Да го задржиме она што нѝ е корисно, а да го отпуштиме она што нѐ ограничува за да конечно се почувствуваме обновени и енергизирани.

Да изградите самодоверба, практикувајте самодоверба.

Многупати сме зборувале дека позитивната слика за себеси сама по себе нема да донесе ништо. Потребна е акција, продуктивно однесување. Чувството на сигурност, вербата во себе мора да биде изразена преку различни физички и ментални резултати. Верувам дека многумина од нас би сакале да имаат висока самодоверба, но се измачуваат со несигурности, страв и негативен внатрешен говор и самокритика. Со малку рефлексија, упорност и промена на перцепцијата тоа може да се промени.

  1. Променете го вашето држење

Најлесно е да го промените држењето на вашето тело. Поврзаноста на телото, емоциите и умот, укажува дека со промена на телесното држење ќе се променат и овие две компоненти.

Вежбајте и почувствувајте каква е сензацијата на самодоверба во телото. Повторувајте ја и предизвикајте ја самите. Почувствувајте како цврсто и стабилно стоите на земјата, држете се исправени, опуштени и отворени. Насмевнете се.

  1. Бидете присутни

Практикувајте Mindfulness. Бидете тука со вашата свест, набљудувајте се себеси и околината. Започнете со телесните сензации, од врвот на ножните прсти до врвот на главата. Набљудувајте го вашиот здив и сѐ што тој предизвикува додека тече нанадвор и навнатре.

А потоа, прејдете на вашата околина, видете, слушнете и доживејте сѐ околу вас.

Одете и понатаму, почувствувајте ја енергијата, тишината, звуците.

Почувствувајте го вашето присуство.

  1. Зголемете ја својата граница на толеранција

Малку стрес може да биде корисен, да нѐ држи подготвени и да ни даде екстра енергија за делување. Преименувајте ја вашата блага нервоза во возбуденост. На тој начин, мозокот ќе го прифати тоа како позитивно, а не негативно искуство и ќе ве подржи.

  1. Вежбајте редовно

Редовното вежбање испушта ендорфини кои за возврат прават реакција со опијатните рецептори во мозокот, што предизвикува состојба на задоволство во умот и во телото. На тој начин, ние создаваме и поубава слика за себе.

Не само што ќе изгледате подобро, туку и ќе се чувствувате помотивирани да делувате на начини кои ќе ви ја подобрат самодовербата.

  1. Визуелизирајте самодоверба

Затворете ги очите и потполно опуштете го телото. Држете ја сензацијата на опуштеност и со вашиот внатрешен вид видете се себеси во ситуација која ви е предизвикувачка, но со целосна самодоверба. Изградете идеална слика/филм за таа ситуација, со многу детали. Дозволете му на тоа удобно чувство да ве обземе, вашето тело и вашиот ум се потполно исполнети со тоа удобно чувство.

  1. Барајте искуства. Дајте си дозвола да ги имате, ризикувајте и правете грешки

Од нашата перцепција сите други живеат среќно, исполнето, успешно, многу се убави и тн. Ние не сме доволно добри. Се плашиме од неуспех и уште повеќе се плашиме од успех. А дури и најдобрите имаат свои предизвици.

Она што недостасува е разбирањето дека неуспехот и грешките се дел од процесот и ако сакаме да ги оствариме своите цели и да имаме подобар живот мора да работиме на тоа и да се соочиме со сопствените слабости.

Секогаш однесувајте се како ученик, како почетник. Верувајте дека е во ред да не сте совршени, никој не е. Бидете им инспирација на другите во слични ситуации.

Секој исчекор од зоната на комфорот ги проширува вашите граници и ја гради вашата самодоверба.

  1. Поставете си цели

Доколку немате контролни точки во животот, нема да знаете колку сте напредувале. Поставувањето цели значи токму тоа, воспоставување на контролни точки со чие остварување можеме да измериме каде сме биле, а каде сме сега.

Најпрво, заклучете кои се вашите вредности по кои се водите во животот (љубов, почит, сигурност, …) и кои се вашите животни цели, односно каков живот би сакале да живеете. А потоа поставете си мали цели, кои ќе ве доведат до таму и преземете акции во тој правец. Најдете смисла и значење на вашиот живот. Која е вашата мисија?

  1. Секогаш зборувајте добро за себеси

Барајте фидбек од другите луѓе, но не заборавајте дека вие треба да изградите систем на вредности за себеси. Бидете искрени со себе, но однесувајте се и зборувајте за себе со сочуство, милост и охрабрување. Најважната релација која ја имате во животот е релацијата со самите себе!

  1. Барајте помош и помагате им на другите луѓе

Барањето помош е еден начин да се надмине гордоста. Тоа не значи дека сте некомпетентни или дека ќе бидете одбиени. Едноставно е начин да се види дека сте луѓе и да се конектирате со другите, чисто човечки. Истото важи и за помагањето на другите. Тоа е можност да ве видат и да ги видите, да се разберете, да воспоставите еден чист, човечки однос на давање, алтруизам и среќа. Давањето на другите секогаш нѐ прави посреќни, а и ни ја чисти кармата 😊 Дава огромни резултати и ги збогатува сите инволвирани, шири дух на добра волја околу нас и во светот.

Имајте на ум дека сѐ е процес и не се случува преку ноќ. Верувајте во процесот, тој ќе ве однесе каде не сте ни помислувале дека ќе стигнете.