Тешки соработници

Тешки соработници

Односи на работното место со кои треба да се справите без нервно да попуштите

Многупати сме зборувале за работата, задоволството и продуктивноста, категории кои генерално зависат од нас и од тоа колку ние вложуваме во сопствената среќа. И тоа е сѐ во ред, сѐ додека не се соочиме со реалните услови на работното место, кога еден незгоден сотаботник ќе ја сруши илузијата пријателска и продуктивна работна средина и притоа ќе направи да извршувањето на работните задачи стане невозможна мисија.

Се разбира, веќе знаете дека и најмалите проблеми доаѓаат од несоодветна комуникација и недостаток на мудрост, што во позадина укажува на постоење на негативни емоции кои мора да бидат неутрализирани, во секој аспект од животот, вклучувајќи го и работното место.

Во денешниот бизнис сетинг, но и пошироко, се соочуваме со разни типови на личности со кои не е баш лесно да се оствари комуникација и соработка и уште повеќе кои свесно нѝ го попречуваат патот кон мирот и успехот, поради разни причини. Овде ќе се обидеме да дефинираме некои од нив и да ви помогнеме да се справите со истите.

1. Напаѓачи

Напаѓачите се соработници кои ве напаѓаат на лично ниво кога се соочувате со него. Нападот се однесува на вашите лични особини, кои можеби ги имате или немате, па ваквиот соработник ќе се обиде да ја намали вашата вредност со навреди, груби зборови, нарушување на вашиот имиџ. Овие соработници се насочени да по секоја цена добијат поени кај шефот, па по секоја цена ги блокираат вашите идеи, сугестии и решенија, наместо да се обратат на проблемот.

Сугестија: Не престанувајте да ги изнесувате вашите идеи само затоа што имате ваков соработник. Не дозволувајте да ви го го скршат духот и мотивацијата. Игнорирајте ги. Пренесете го вашиот фокус од луѓето на идеите и решенијата. Или, ако е тоа адекватно, разговорајте на само со овој соработник. Објаснете дека сакате да имате подобар однос и прашајте како тој гледа дека тоа може да се постигне и да се надминат вашите разлики.

Доколку оваа стратегија не функционира, согледајте ги останатите ваши опции. Напаѓачите често имаат многу пријатели на високи функции, па гледајте да се фокусирате на вашата работа и да склопите што е можно повеќе пријателства, за да направите база за напредување.

Секако, ако ситуацијата станува неподнослива, побарајте помош и ресурси за да се справите со ваквиот соработник. На крајот, побарајте си нова работа, каде ќе можете да се пронајдете и полесно да функционирате во работната средина.

2. Завидливци

Кога ќе ги сретнете, чувството за овие луѓе е дека се непријатни, огорчени и постојано лути. Тие го сакаат она што вие го имате. И уште повеќе, тие веруваат дека им припаѓа она што е ваше. Дури и едноставно честитање од нивна страна звучи неискрено, дури и непријателско.

И што да се прави? Ограничете ја комуникацијата со овие соработници и гледајте сите ваши средби и разговори да бидат пријателски настроени за да ја елиминирате енергијата која доаѓа од нивна страна кон вас. Исто така е можно да ве нападнат на лично ниво, доколку се справувате со некој проблем. Во тој случај држете ги емоциите настрана и вратете го фокусот на проблемот. Не ја играјте нивната игра. Доколку е невозможно ситуацијата да се разреши, тргнете се, одете си.

Често пати, ова се несигурни луѓе. Не се сигурни во себе, не се сигурни по однос на работното место, работата која ја работат, бла бла. Обидете се да најдете што е тоа што ги прави несигурни. Доколку е тоа работата, охрабрете ги да пронајдат проект или вештина во која се одлични и ќе се чувствуваат добро. Тоа ќе придонесе да се намалат негативните емоции кај нив, кои се насочени кон надвор.

И секако, доколку ситуацијата ескалира, бидете храбри и обратете се на некој авторитет.

3. Заплашувачи

Ова е канцелариска верзија на училишно малтретирање. Заплашувачите ве тераат да го направите она што тие го сакаат преку закани и заплашување дека ќе ве посрамат или дека ќе ви ја уништат кариерата или ќе шират муабети за вас. Важно е да се разбереме дека овде е битен статусот на личноста. Доколку се работи за ваков шеф, неговата моќ да ве отпушти е реална. Но ако се работи за соработник, неговата моќ е фантазија.

За да вие се чувствувате комфорно со овие личности, потребно е да ги развиете вашите комуникациски вештини (вербални и невербални) и да научите говор со кој ќе оддавате сигурност и несериозност во прифаќањето на заканите. На пример, можете да кажете „Сигурно не мислиш сериозно, нели? Тоа не личи на тебе.“ или „Јас не се чувствувам ОК со тоа.“ за да бидете асертивни без да звучите налутено.

Заштитете се. Замислете бариера, ѕид или штит помеѓу вас и вашиот соработник која ќе ве штити од неговите закани. При тоа, обезбедете секогаш да има доволно голем физички простор меѓу вас. Водете евиденција за секоја интеракција со оваа личност, за секој случај. Можеби ќе ви биде потребна доколку ситуацијата дојде до вашите надредени.

4. Наметнувачи

Сте му помогнале да се адаптира на работното место, сте му помогнале во некој тежок проект, сте му помогнале за сѐ нешто и тој не престанува да чука на вашата врата. Тие го искористуваат вашето време, талент и добрината. Ваквите колеги се едноставно егоцентрични и не им е гајле за другите.

Наједноставното решение е да се извините, да речете дека имате премногу работа и не можете да помогнете. Насочете го кон некој друг вработен.

Во суштина, научете да кажете „Не“. Можеби на почетокот ќе се чувствувате лошо поради тоа што сте ги одбиле, но со тек на време ќе сфатите дека животот ви е многу полесен и поедноставен.

За крај

Секогаш дајте сѐ од себе да ја решите ситуацијата сами. Доколку тоа не е можно, побарајте совет, помош, акција. Бидете храбри и соочете се на адекватен начин со овие ситуации, бидејќи доколку одењето на работа премине во хорор, ќе мора да ја напуштите работата, а тоа не е баш некое решение. Не заборавајте, за сѐ и за секого има решение.

Држете ги емоциите настрана!

Генерализација

Бизнисот – работата е одраз на светот околу нас, а светот го прават луѓето. Сето ова можете да го примените и во секоја друга животна ситуација. Научете да не реагирате на разно разни провокации. Заземете став и не дозволувајте другите луѓе да ве ограничуваат. Преземете акција, фокусирајте се на сопствениот живот.

Вие сте клучот за вашата среќа.