Како реагираме во стресна ситуација? Како да се ослободиме од последиците од изложеност на стрес?

Како реагираме во стресна ситуација? Како да се ослободиме од последиците од изложеност на стрес?

Важно е да научиме да препознаеме кога нашето ниво на стрес е вон контрола. Најопасната работа околу стресот е што тој многу лесно се провлекува во нашиот систем. Се навикнуваме на него. Ни станува вообичаена, нормална состојба. Не забележуваме колку многу влијае на нас, дури и кога ја преминува горната граница на толеранција.

Знаците и симптомите на прекумерен стрес можат да бидат најразновидни. Стресот на различни начини влијае на умот, телото и однесувањето, а секој го доживува на свој индивидуален начин. И не само што води до сериозни ментални и физички проблеми, туку си го зема делот во вашите врски со луѓето на работа, дома, на училиште.

Стресот не секогаш изгледа стресно

Луѓето реагираат на стрес на три начини, што ќе го објасниме со аналогијата на возењето автомобил:

  1. Ногата на гас – бесен, вознемирен или „борбен“ одговор на стрес. Зовриени сме, потполно внесени во стресната состојба, прекумерно емоционални, не сме во состојба да седиме мирни.
  2. Ногата на кочница – повлечен, депресивен или „летачки“ одговор на стрес. Се затвораме, повлекуваме, отсутни сме и покажуваме многу малку енергија или емоција.
  3. Ногата на двете педали – тензичен или „замрзнат“ одговор. Се вкочануваме под притисокот и не можеме ништо да преземеме. Изгледаме парализирани, но под површината сме екстремно вознемирени.

Знаци и симптоми на прекумерен стрес

Колку сме посвесни и колку повеќе можеме да забележиме разлика во нашето однесување, толку повеќе можеме навремено да реагираме и да ги спречиме последиците од стресот. Некои од вообичаените знаци на предупредување и симптоми на стрес, можат да бидат следните: ослабување на меморијата, недостаток на концентрација, фокус на негативнотот, анксиозни мисли, константна грижа, променливо расположение, намалена способност да се опуштиме, чувство на оптеретеност, чувство на осаменост и изолација, необјасниви болки, диареа или констипација, вртоглавица, повраќање, забрзан пулс, губиток на сексуалниот нагон, чести настинки, зголемен или намален апетит, спиење помалку или повеќе од вообичаено, одложување или занемарување на обврските, нервозни навики и тн.

Сепак имајте на ум дека овие знаци и симптоми можат да бидат предизвикани и од други психолошки состојби или здравствени проблеми. Побарајте помош од лекар доколку имате некои од нив заради поточно дијагностицирање на причините за истите.

Нешта кои влијаат на нашето ниво на толеранција на стрес

  1. Подршка – Силниот круг на пријатели или членови на семејството може да биде одличен ублажувач на животните стресови. Всушност, колку сме поосамени и изолирани, толку повеќе сме подложни и ранливи на ефектите од стресот.
  2. Контрола – Самодовербата, способноста да се влијае на настаните и да се надминат предизвиците игра голема улога кога е стресот во прашање. Доколку чувствуваме дека нештата се вон контрола, веројатно нашата толеранција на стрес е намалена.
  3. Ставови и поглед на светот – Оптимистичните луѓе се најчесто поотпорни на стрес. Тие имаат тенденција да се соочуваат со предизвиците, имаат одличен смисол за хумор и прифаќаат дека промената е дел од животот.
  4. Емоции – Способноста да се справиме со сопствените емоции, познавањето на себеси и начините да се смириме и да си олесниме кога се чувствуваме тажни, лути или оптеретени нѐ прави повеќе или помалку способни да се справиме и со стресот. Воспоставувањето на емоционален баланс е многу важна вештина која може да се научи во секое доба и да нѝ помогне да останеме мирни во било која ситуација.
  5. Знаење и подготовка – Колку повеќе го познаваме стресот и сопствените механизми и реакции (колку долго трае, што да се очекува, и тн.) полесно ќе се справиме со него.