Како да се справите со емоциите на работното место

Како да се справите со емоциите на работното место

Контролирајте ги вашите емоции… пред тие да ве контролираат вас

Изберете како ќе реагирате на фрустрација.

На човек може да му биде одземено сѐ освен последната човечка слобода – можноста да го одбере сопствениот став во одреден сет на околности, да го одбере својот пат. – Виктор Франкл, „Човековата потрага по смислата“

Секој од нас бил во некоја од овие ситуации некогаш, Знаете, на пример, кога ќе го откажат проектот на кој макотрпно сте работеле, кога клиентот ќе ви се нафрли без некоја оправдана причина, кога вашиот најдобар пријател ќе добие отказ, кога ќе ви наметнат уште повеќе работни обврски, а вие сте веќе „затрупани“.

Во приватниот живот, реакцијата на некоја стресна ситуација може да се случи да биде екстремна. Можете да викате, да се скриете во ќош и да се сожалувате некое време, или што и да ви дојде во моментот. Но, на работа ваквото однесување може сериозно да ви наштети вам, на вашата репутација, а и на вашата продуктивност.

Во денешните услови и околности кои важат во бизнисот, стресните ситуации се повеќе од чести, а се предизвикани најчесто од разни промени на работното место (смалување на буџетот, отпуштања, прераспределби). Може да стане сѐ потешко да се справите со вашите емоции под ваквите околности, и затоа е уште поважно истото и да го направите. Како што вели цитатот погоре, без оглед каква е ситуацијата, вие сте секогаш слободни да изберете како ќе реагирате на неа.

Па, како да ја подобрите вашата способност за справување со емоциите и да ја изберете вашата реакција во тешки ситуации? Во овој серијал ќе ги разгледаме најчестите емоции кои се јавуваат на работното место, а и во животот, и начините како да ги контролирате. Сѐ што ќе прочитате во овој серијал можете да го примените во различни контексти (приватниот живот, работата, социјалниот живот итн.), само заменете ги наведените ситуации со вашите актуелни и автентични ситуации. Читајте внимателно J

Зошто се фокусираме само на негативните емоции? На повеќето луѓе не им е потребна стратегија за менаџирање на позитивните емоции. Чувствата на радост, возбуда, сочуство или оптимизам не влијаат на другите луѓе на негативен начин. Сѐ додека ги споделувате позитивните емоции конструктивно и професионално, тие се одличен мотиватор и извор на инспирација на работното место.

Вообичаени негативни емоции на работа

Најчести негативни емоции кои ги доживуваме на работното место можат да бидат:

  • Фрустрација/вознемиреност
  • Грижа/нервоза
  • Бес/Постојана лутина
  • Незадоволство.
  • Разочарување/несреќа.

Во продолжение ќе разгледаме различни стратегии за кои можете да ги употребите, а кои можат да ви помогнат во справувањето со секоја од овие негативни емоции.

Фрустрација/Вознемиреност

Фрустрацијата вообичаено се јавува кога се чувствувате заглавени или фатени во стапица, или едноставно се чувствувате неспособни да се придвижите нанапред, што може да е предизвикано од реални ситуации (колега кој го блокира проектот, шеф кој е дезорганизиран па не можете да стигнете до него, или предолг телефонски разговор).

Што и да е причината, важно е да им пристапите на овие чувства веднаш и брзо да ги разрешите, бидејќи тие можат лесно да ве доведат до повеќе негативни емоции (на пример лутина).

Еве неколку сугестии како да се справите со фрустрација:

  • Застанете и направете проценка – Една од најдобрите работи кои можете да ги направите е ментално да се сопрете себеси и да ја погледнете ситуацијата од позиција на неутрален набљудувач. Прашајте се зошто се чувствувате фрустрирани. Запишете ги одговорот и бидете прецизни. Потоа најдете една позитивна работа во моменталната ситуација. На пример, доколку шефот доцни на вашиот состанок, имате повеќе време да се подготвите или да се релаксирате.
  • Најдете нешто позитивно во ситуацијата– Размислувањето за позитивните аспекти на ситуацијата вообичаено дава поинаков поглед на нештата. Оваа мала промена во размислувањето може да го подобри вашето расположение. Доколку вашата фрустрација е предизвикана од други луѓе, веројатно ти тоа не го прават намерно за да ве иритираат. А ако ве вознемирува нешто друго – тоа секако не е ништо лично! Не се лутете, само продолжете понатаму.
  • Потсетете се на последниот пат кога бевте фрустрирани – Последниот пат кога бевте фрустрирани околу нешто, веројатно на крајот ситуацијата се разрешила како што е најдобро можно, нели? Вашите чувства на фрустрација или иритација не направиле многу за да се реши проблемот, што значи дека и сега немате никаква корист од нив.

Грижа/Нервоза

Во бизнисот пливаат големи количини на страв и вознемиреност, често предизвикани од отпуштањата од работа. Поради тоа, не е ни чудо што многу луѓе се грижат за нивните работни места. Но, оваа грижа многу лесно може да излезе од контрола, доколку ѝ дозволите, и може да влијае на вашата продуктивност, волјата, како и на севкупното ментално здравје.

Применете ги следните препораки за да се справите со загриженоста:

  • Не се опкружувајте со загриженост и вознемиреност – На пример, ако колегите се собираат за време на пауза и озборуваат околу намалувањето на работните места, не одете таму и не се грижете заедно со сите други. Грижата води до повеќе грижа и не е добра за никого.
  • Вежби за длабоко дишење – Ова ќе ви помогне да го забавите дишењето и пулсот. Вдишете бавно во траење од 5 секунди, а потоа издишете бавно во траење од 5 секунди. Фокусирајте се само на вашето дишење и на ништо друго. Направете го ова барем 5 пати.
  • Фокусирајте се како да ја подобрите ситуацијата – Ако се плашите од отпуштање, а си седите и се грижите, тоа секако нема да ви помогне да ја задржите работата. Наместо тоа, истражете ги начините како да донесете повеќе работа и да ѝ покажете на компанијата колку вредите?
  • Запишете ги вашите грижи – Доколку забележите дека вашиот ум плива во безброј грижи, запишете ги во нотес или водете дневник за нив. Потоа, направете си временски распоред за да се справите со нив. Така што, во меѓувреме можете да заборавите на овие грижи, знаејќи дека ќе им дојде времето за решавање. Пред да започнете со решавање, спроведете анализа на ризикот и преземете ги сите потребни чекори за да го намалите истиот.

Кога сте загрижени или нервозни во врска со нешто, тоа може да влијае и да ја намали вашата самодоверба, на која можете систематски да работите и да ја градите за да стане стабилна. Истовремено, внимавајте вашите грижи да не ја намалат вашата способност за изразување/асертивност.

Бес/ Постојана лутина

Неконтролираната лутина е можеби најдеструктивната емоција која луѓето ја доживуваат на работа. Тоа е исто така емоција со која повеќето од нас не се справуваат најдобро. Ако имате потешкотија да го контролирате својот темперамент на работа, тогаш би било најдобро да научите како да го контролирате доколку сакате да ја задржите работата.

Пробајте ги следните препораки за да го контролирате вашиот бес:

  • Набљудувајте и препознајте ги раните знаци на бес – Само вие ги знаете знаците на опасност кога бесот ќе започне да се појавува, па затоа научете да ги препознавате на самиот зачеток. Клучно е да го сопрете бесот што порано. Запомнете, вие избирате како реагирате на ситуациите. Само затоа што вашиот примарен инстинкт е да збеснете не значи дека тоа е правилниот одговор.
  • Ако започнете да беснете, престанете да го правите тоа што го правите – Затворете ги очите и започнете со длабоко дишење кое го опишавме погоре. Ива ќе ги спречи вашите бесни мисли и ќе ве постави на позитивен пат.
  • Замислете како изгледате кога сте бесни – Ако замислите како изгледате и се однесувате кога сте бесни, тоа ќе ви даде некаква перспектива на работите. На пример, ако тргнете да викате на соработникот, замислете како ќе изгледате. Дали лицето ви е црвено? Дали мавтате со рацете? Дали би сакале вие да работите со некој таков? Најверојатно не.

Незадоволство

Сите некогаш сме работеле со некој кој не ни се допаѓал. Но, важно е да се биде професионалец, без оглед на сѐ.

Две идеи кои можете да ги примените кога работите со луѓе кои не ви се допаѓаат:

  • Имајте почит – Доколку треба да работите со некој со кого не се сложувате најдобро, тогаш е време да си ги тргнете гордоста и егото настрана. Однесувајте се кон личноста со внимание и со почит, како што би се однесувале кон било кој друг. Тоа што оваа личност се однесува непрофесионално не ви дава за право и вие исто да се однесувате.
  • Бидете асертивни – Ако личноста е група и непрофесионална, цврсто објаснете дека одбивате да бидете третирани на тој начин и мирно излезете од ситуацијата. Запомнете, бидете пример.

Разочарување/Несреќа

Понекогаш е тешко да се соочите и да се справите со разочарувањето и несреќата на работа. Од сите емоции со кои ќе се сретнете во работната средина, овие најмногу ќе влијаат на вашата продуктивност. Доколку неодамна сте доживеале некакво разочарување, вашето ниво на енергија најверојатно е ниско, можеби се плашите да преземете нов ризик, а сето тоа ве држи далеку од нови достигнувања.

Ова се некои проактивни чекори кои можете да ги преземете во ваков случај:

  • Погледнете го вашиот начин на размислување – Дајте си време да разберете дека нештата нема секогаш да бидат по ваше. И кога би биле, животот би бил една права линија, а не живописен полн со долини и планини, патеки нагоре и надолу, нели? Всушност, долините и планините го прават животот интересен.
  • Прилагодете ја вашата цел – Доколку сте разочарани што не сте ја постигнале вашата цел, тоа не значи дека целта не може да се постигне. Задржете ја целта, но направете мала промена – на пример, поместете го временскиот рок за нејзино исполнување.
  • Запишувајте ги вашите мисли – Запишете што точно ве прави несреќни. Дали е тоа соработник? Дали е тоа вашата работа? Дали имате премногу обврски? Кога еднаш ќе го го идентификувате проблемот, започнете со собирање на идеи како да го решите или да го заобиколите. Запомнете, вие имате моќ да ја промените ситуацијата.
  • Насмевнете се! – Колку чудно и да ви звучи, дури и вештачката насмевка или гримаса на вашето лице може да ве направи среќни (еден од чудните начини на функционирање на човечкиот род). Обидете се – ќе бидете изненадени!

Заклучок

Понекогаш сите ние мораме да се справиме со негативните емоции низ животот, а да научиме да ги менаџираме е поважно од кога и да е. На крајот на краиштата, негативните емоции се заразни, како и позитивните, и никој не сака да биде во околината на личност која шири негативност.

Потребно е да се запознаеме себеси и да разбереме што ги предизвикува негативните емоции и со кои чувства најчесто се соочуваме. Кога овие емоции ќе започнат да се појавуваат, веднаш применете некоја од стратегиите за да го прекинете циклусот во кој ќе се најдете. Колку подолго чекате толку ќе биде потешко да се извлечете од негативното размислување. Во секој аспект на животот – делувајте веднаш!